loader image

За Езерото

Background

Охридското Езеро  – е едно од малкуте стари, долго-постоечки езера на светот кои обезбедуваат континуирани слатководни живеалишта повеќе од 1 милион години и е единствено вакво во Европа.


Охридското Езеро (надморска височина: 695 m) е олиготрофно, длабоко (максимална длабочина 289 m; просечна длабочина 164 m), големо (површина 358 km2), и е едно од езерата со најголема зафатнина (~55 km3) во Европа.

Дотокот на вода во најголема мера е од карстните аквифери (~50%), со помало учество од притоките и директни врнежи. Испарувањето (40%) и главниот истек, реката Црн Дрим (60%), го балансираат капацитетот на Езерото.

Еколошкато значење на Охридското Езеро е признаено со неговото прогласување за светско природно наследство на УНЕСКО во 1980 година. Поради сета особеност, природна уникатност и екопотенцијал, во 2014 година, областа на двете, Охридското и Преспанското Езеро се прогласени за Прекуграничен биосферен резерват.

Клима
Регионот на Охридското Езеро има локална континентална клима помешана со медитеранска клима поради влијанието од Средоземното и Јадранското Море. Средната просечна температура изнесува 11.4°C, со месечна средна максимална температура во месеците Јули и Август од 21.2°C и 34.4°C како апсолутен максимум во Август. Најниската месечна средна температура е регистрирана во Јануари и изнесува 1.5°C, а -17.2°C е апсолутниот минимум.
Средната годишна температура изнесува ~11°C. Езерото не замрзнува и температурата на површинската вода се задржува помеѓу 6 и 26°C. Просечните врнежи околу Езерото се приближно 759 mm годишно. Според ружата на ветрови, најчест е северниот ветер, особено во есен и зима, а во пролет и лето, ветровите од југ и југо-запад се доминантни.

Живеалишта
Охридскиот регион и неговото окружување претставуваат живеалишта за многу растителни и животински видови. Всушност, областа е прочуена по големата разновидност на живеалишта и тоа од 650 м н.в. на Охридското Езеро, се до највисоките планински врвови (Магаро 2254 m н.в.) сочинети од бројни акватични живеалишта, како: слатководни извори, блата (мочуришта) појаси на трска, широколисни шуми и алпски пасишта на варовникова почва, камења, клифови и пештери.
Најзастапените живеалишта во Охридското Езеро вклучуваат: олиго-мезотрофни, тврди води обраснати со бентосна вегетација на Chara spp.; природни еутрофни езера во кои доиминираат заедниците од Magnopotamion и Hydrocharition; реки со калливи брегови обраснати со вегетација претставена од Chenopodion rubri и Bidention; варовнички мочурливи терени (мочуришта) со Cladium mariscus и видови од Cariciondavallianae, и алкални мочурливи терени.

Фауна
Охридското Езеро содржи исклучително богати и разновидни фаунистички компоненти од кои повеќето се карактеризираат со изразен ендемизам. Во Езерото живеат 21 нативен вид од рибната фауна и 7 интродуцирани, внесени видови. Седум од нативните видови риби се ендемични, меѓу кои и познатата охридска пастрмка (Salmo letnica) (Сл.2), симболот на градот Охрид. Дел од рибната фауна на Охридското Езеро е и европската јагула (Anguilla anguilla), критично загрозен вид (CE) според Црвената листа на IUCN.
Во Охридското Езеро се регистрирани 586 бентосни макроинвертебрати кај кои ендемизмот варира помеѓу 50 и 90% за одредени бентични групи (Turbellaria – плочести црви, олигохета, пијавици, изопода, амфипода и др.), факт што на Езерото му дава печат на воден екосистем со највисок ендемизам на квадратен метар во Светот.

Богатата и единствена фауна на Охридското Езеро вклучува различни видови на реликтни форми како: охридскиот тркалезен сунѓер (Ohridaspongia rotunda) (Сл. 3) (Fig. 3), или тешко видливиот ендемичен полжав (Gocea ohridana) (Сл. 4) чија дистрибуција е ограничена на површина од фудбалско игралиште во југоисточниот дел на Езерото. Генерално најбогата, најразновидна и со највисок ендемизам е фауната на групата Gastropoda (слатководни полжави) каде нивото на ендемизам достигнува 86% од 72 регистрирани видови.

Спроведена е проценка според IUCN критериумите за речиси сите претставници на бентосната фауна регистрирани во Охридското Езеро. Како ранливи беа оценети 28 видови, 17 како загрозени и 10 како критично загрозени, факт што укажува на итна потреба од преземање мерки за заштита и зачувување на оваа богата фаунистичка компонента.
Охридското Езеро е важно место за размножување, прелет и презимување на водните птици. Гуски, лебеди и корморани се појавуваат во зима, а бројот на лиските (Fulica atra) достигнува неколку десетици илјади на Езерото.

Флора

Охридското Езеро претставува вистинско богатство на биолошката разновидност, дури и меѓу микроскопските алги, кои го привлекле интересот на многу истражувачи од европските и соседните земји. Како и кај другите живи групи, Охридското Езеро е препознатливо со големо присуство на ретки и терциерни реликтни видови алги. Диатомите (Bacillariophyceae) се чини дека се важна група на микроскопски алги, следени од зелените алги (Chlorophyceae). Вкупно 789 диатомејски алги биле регистрирани во Охридското Езеро од кои 117 видови (14%) се сметаат за ендемски за Езерото и 15 (околу 2%) се реликтни видови или претходно познати само од фосилните наоѓалишта во Романија.
Бројот на видови регистрирани во Охридското Езеро продолжува да се зголемува. Повеќето од видовите во Езерото еколошки може да се сметаат за олиготрафентични – видови кои живеат само во многу чисти води, со малку хранливи материи, особено азот и фосфор.

Макрофитската вегетација во крајбрежјето на Охридскот Езеро може да се подели во различни појаси, со видови од Chara на длабочина помеѓу 3 и 30 m, видови на акватични макрофити во плитки води и прекинат појас од трска (Phragmites australis) покрај брегот. Појасите на трска се особено важно живеалиште за многу други организми, вклучително рибен подмладок, жаби и водни птици. На многу места, колонијалната алга Cladophora расте на повеќето површини.

Човечки интеракции
Бреговите на Охридското Езеро биле населени уште од праисториско време и археолошките истражувања имаат документирано населби од најран период пред 6.000 п.н.е. Градот Охрид е една од најстарите населби на човекот во Европа. Преспанскиот регион е населен од бронзено и малдо камено време. Илирите, ги населувале Охрид и Преспа околу 5 века п.н.е. додека не паднале под Римска власт. За реме на Римската Империја, тука минувал патот Виа Ингнација кој довел до развој на бројни населби во околината. Во средновековниот период, градот Охрид бил културен центар со просперитетен универзитет, најстар во Европа, каде се школувале 3500 ученици на ридот на Охрид во IX и X век.
Атрактивниот пејзаж и можностите за рекреација што ги носи Охридското Езеро опкружено со планини и ридови, многу плажи со проѕирна вода, разновидноста на антички предмети од културни и други археолошки објекти, многу споменици на природата, го ставија Охридското Езеро меѓу најпосакуваните туристички дестинации. Како резултат на тоа, актуелната популација во последните 50 години порасна до 5 пати и достигнува 200.000 луѓе. Рибарството, земјоделството и сточарството секогаш биле главниот извор за заработка на населението. Покрај ова, забележлив е и развојот на секторот за мали бизниси и сезонски услуги, имајќи го предвид фактот дека главните индустриски капацитети кои функционираа во минатото се веќе неактивни.
Целата област е исто така многу атрактивна за неколку спортски активности: планинарење, пешачење, алпинизам, едрење, нуркање и параглајдерство, едукативни и рекреативни активности, набљудување птици и спелеолошки истражувања.
Конвергенцијата на карактеристичните природни вредности со квалитетот и разновидноста на неговото културно, материјално и духовно наследство, го прави овој регион навистина уникатен.

Превземено ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид

Организатор

ohrid

Покровител

Grb_Opstina_Ohrid

Генерален спонзор

T_logo_carrier_surface_rgb_n

Спонзори

sparkase-life
4waUL8l_W0uv4GgOt8RbMw-large
wbj-vVMY
karmen-latincia
17309534_10155681455169041_6956342448046492792_n